Побогати за две аукции на чоколадо, побогати со успешно реализирани хуманитарни проекти, побогати со нови пријатели и нови волонтери, ги започнавме подготовките за третата донаторска аукција на чоколадо.
Задоволство ми е да најавам дека оваа година, Аукцијата на чоколадо ќе се одржи на 6 март во хотелот Александар Палас каде гостите повторно ќе ја имаат единствената можност да уживаат во магијата на чоколадото, зачинета со убавината и исполнетоста која со себе ја носи хуманоста.
Оваа година собраните средства од аукцијата ќе бидат наменети за учениците од Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид “Димитар Влахов” од Скопје.
Со гордост можам да кажам дека на самиот старт на нашата заедничка соработка, со големата помош на нашите нови донатори, успеавме да обезбедиме средства за лична хигиена и нови Браеви машини.
Но, нашата голема задача е уредувањето на просториите од Интернатот во кој секојдневно живеат и престојуваат 30 деца.
Здружени со нивната искреност и скромност, со Вашата неопходна и срдечна помош, со нашето максимално залагање, посакуваме да внесеме што поголема радост во нивното секојдневие, која ќе претставува неизмерно задоволство за нив, за Вас и за нас.
Со почит,
Катерина Златановска Попова