Види аукција 2009
 
Види аукција 2010


 

За ПОЗИТИВО

Здружението на граѓани ПОЗИТИВО е непрофитна, невладина организација во која членуваат околу 50-тина волонтери, експерти во разни области како што се образованието, бизнисот, комуникациите и односите со јавност, компјутерската технологија, готвењето, уметноста и сл. но воедно посветени на желбата да помогнат на другите во рамките на своите способности и можности.

Цели и задачи на организацијата:
Здружението има за цел да обезбедува помош на лица и институции во вид на донации, парични средства или производи Исто така една од главните цели е и организирање на едукативни работилници за деца и млади во областа на етиката, убавото однесување и толеранцијата. Поддршка на други хуманитарни акции и кампањи и активно учество на членовите на здружението во кампањи за подигнување на свеста на јавноста за одредено прашање.

Програма за работа на здружението:
Програмата за работа на здружението предвидува месечни, периодични, и годишни активности. Во месечните активности се предвидени организирање на едукативни работилници за деца и млади, собирање на донации во вид на производи за загрозени семејства и болни и стари лица.

Периодичните активности опфаќаат организација на одредени хуманитарни проекти од типот на базари, аукции, претстави, спортски натпревари и сл. Овие активности се предвидува да се организираат два до три пати во годината при што собраните средства ќе бидат наменети за помош и поддршка на однапред предвидени корисници како на пример болници, училишта, градинки, домови за стари лица и сл.

Годишните активности предвидуваат подолготрајни проекти кои имаат за цел да ја подигнат свеста на јавноста за одредено прашање или проблематика. Здружението е отворено за сите кои сметаат дека можат и сакаат да одвојат дел од своето скапоцено време и знаење за помош и поддршка на други лица, ранливи групи и организации.

Во текот на своето постоење ПОЗИТИВО реализираше неколку проекти за помош на заедницата меѓу кои и првата хуманитарна аукција на чоколадо, која се одржа во декември 2009 година, а собраните 300.000 денари од самата аукција заедно со директните донации на други донатори во вредност од околу 180.000 денари беа донирани во форма на апарати и материјални добра во Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле.

Втората аукција на чоколадо се одржа во декември 2010 во соработка со Фондацијата Т-Мобиле за Македонија и собраните средства беа наменети за реновирање на простории за рехабилитација на деца во Заводот за рехабилитација во Скопје. Реновирањето им беше доверено на тимот од емисијата "Ајде дома" чија несебична поддешка овозможи успешно реализирање на конечната цел. Вкупната сума од аукцијата и останатите донации обезбедени од останатите спонзори достигна до околу 600.000 денари.

Преку третата, и најуспешна дукција досега, успеавме целосно да го смениме изгледот на просториите во Интернатот на училиштето Димитар Влахов од Скопје.

Здружение на граѓани
ПОЗИТИВО
жиро с-ка: 210 - 0653832001 - 47
НЛБ Тутунска банка

РЕАЛИЗИРАНИ ПРОЕКТИ

1. Институт за белодробни заболувања - Козле

2. Заводот за физикална медицина и рехабилитација во населбата Капиштец

3. Донација за семејството Попови од велешкото село С'лп во облека, храна, играчки и средства за хигиена

4. Донација за малечката Дарија Калиновска, која боледува од епилепсија, во вид на парични средства

5. Донација за штитениците од домот за стари лица Мајка Тереза во с. Злокуќани

6. Донација за семејството Ицковски и малот Александар кој е дете со оштетен вид

7. Прва хуманитарна тактилна изложба на релјефни цртежи

8. Државно училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид Димитар Влахов - Скопје

9. Донација за Софија Мачева во вид на парични средства за обезбедување на потребната терапија со цитостатици

10. Донација за Ѓокица Величковиќ во вид на парични средства за лекување во странство

11. Хуманитарен баскет турнир во НОВА

12. Активно учество во проектот ЕКО УЧИЛИШТЕ на О.У. 11 Октомври - Скопје